Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) распиша јавен тендер со јавно наддавање за доделување одобренија за користење радиофреквенции во опсезите 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz – стратегиски важни за развојот на мобилната телефонија во државава.
Одлуката на АЕК следува по одржаната јавна расправа и по пристигнатите изрази на интерес од три компании: „Оне Македонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје“, „Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје“ и „е& ппф Телеком Груп Б. В.“
Почетната пазарна вредност за трите фреквенциски пакети изнесува:
- 4,2 милиони евра за пакетот А1,
- 1,5 милиони евра за пакетот Б1 и
- 2,32 милиони евра за пакетот Ц1.
За учество на наддавањето, секој заинтересиран понудувач треба да уплати депозит во износ од 10% од почетната цена на фреквенцискиот пакет за кој конкурира.
Рокот за доставување понуди е 35 дена од денот на објавата, а јавното отворање на понудите ќе се одржи на 22 август во 10 часот, во просториите на АЕК.
Оваа постапка следува по иницијативата на „Оне Македонија Телекомуникации“ – компанија основана од унгарскиот телеком-гигант „Фор-ај-џи“ кој најави влез на македонскиот пазар.
Според податоците за четвртиот квартал од 2024 година, бројот на активни претплатници во мобилната телефонија во земјава изнесува 1.975.907. Во истиот период, шест оператори нудеа јавно достапни телефонски услуги преку мобилна мрежа: Македонски Телеком, А1 Македонија, Лајкамобајл, Телекабел, Греен Мобиле и МТЕЛ.
Истражувањето на јавното мислење спроведено од АЕК покажува дека најголемо незадоволство кај корисниците има во однос на цените за мобилната телефонија – дури 55,9% изразиле незадоволство.