„Никогаш нема да ја добијам неговата честитка“ – Петра Лукароска емотивно ја прифати кандидатурата за Прилеп

Со длабоко емотивна порака до јавноста, Петра Лукароска, претседателка на општинската организација на СДСМ во Прилеп и кандидат за градоначалник, им се заблагодари на сите кои ѝ ја дале поддршката и довербата за нејзината кандидатура. Таа истакна дека секоја порака и секој збор на поддршка имаат огромно значење за неа, бидејќи сведочат дека не е сама во оваа борба.

Но, токму во тој момент на благодарност, Лукароска ја сподели и својата најлична болка – таа честитка која никогаш нема да ја добие, од својот син Филип. Со трогателни зборови, таа се потсети на разговорите со него, кога му велела дека „во Прилеп немаш шанса“, мислење кое, како што рече, го делеле многумина. Денес, откако Филип веќе не е тука, Петра со уште поголема јасност ја разбира важноста секое дете да има можност да остане дома – во својот град, меѓу своите луѓе.

„Не за мене“, порача таа. „Оваа кандидатура ја прифатив за сите наши деца. За младите кои заслужуваат Прилеп да не биде само станица за заминување, туку простор за живот, за оздавање, за иднина.“

Лукароска ја нарече својата кандидатура нешто што е многу повеќе од обична кампања – борба што ја води со срце, со љубов и со надеж, за Прилеп, за младите и за иднината.

„Да го направиме Прилеп град што ќе ги чува своите деца и град што тие ќе сакаат да го изберат,“ завршува нејзината порака.