ЦУК алармира: 35 пожари низ Македонија, четири сè уште не се изгаснати

Во изминатите 24 часа на територијата на државата се евидентирани вкупно 35 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, четири пожари сè уште се активни, четири се ставени под контрола, додека 27 се целосно изгаснати.

Активни пожари се регистрирани на следните локации:

Василево – село Нивичино (нискостеблеста шума)

Македонски Брод – село Грешница (мешана шума и ниска вегетација)

Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и ниска вегетација)

Липково – село Виштица (деградирана шума)

Под контрола се следните пожари:

Велес – регионот меѓу селата Џидимирци, Крушје и Иванковци (мешана нискостеблеста и деградирана шума)

Дојран – село Николич (нискостеблеста шума)

Демир Хисар – градска депонија

Македонски Брод – села Црешнево, Локвица и Крапа (дабова шума, грмушки и ниска вегетација).

Изгаснати пожари се евидентирани во повеќе општини низ државата, меѓу кои: Ранковце, Куманово, Липково, Кратово, Тетово, Свети Николе, Битола, Штип, Делчево и Скопје (општините Аеродром, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Гази Баба и Илинден), како и во Росоман и други места.

ЦУК апелира до граѓаните за внимание и одговорност, особено во периоди со високи температури и засилен ветер, кои ја зголемуваат опасноста од проширување на пожарите.