Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку своја објава жестоко реагираше на, како што вели, селективното спроведување на законите во државата, посочувајќи дека тие важат за обичните граѓани, но не и за оние на позиции на моќ.
„Законите селективно ги спроведуваат врз сите освен врз себе, да можат со вашиот страв и молк да владеат, а за нив не постојат правила, затоа крадат, тепаат и лажат“, напиша Арсовска, потенцирајќи дека граѓаните се казнуваат за секојдневни прекршоци, додека високи функционери остануваат неказнети и покрај сериозни индиции за криминал.
Таа подвлече дека самата не молчи и се соочува со закани врз нејзиното семејство поради тоа што, како што наведува, обелоденува криминал.
„Јас не молчам, се борам со оние кои ми се заканија по живот на дете и семејство, за да не го обелоденам нивниот криминал“, истакна таа.
Во својата порака до јавноста, градоначалничката предупреди дека молкот и неказнивоста охрабруваат насилство, бесправна градба и злоупотреба на државни ресурси.
„Законите во Македонија треба да важат исто за сите, наместо тоа следи затвор за ќебапи, а високи функции за оние со милионски криминали“, заклучи Арсовска, повикувајќи на правда, транспарентност и еднаквост пред законот.
Ова не е првпат таа да упати отворена критика до институциите, но ваквите јавни обвинувања повторно ја отвораат темата за политичката (не)казнивост и селективната правда во земјата.