Со голема чест и одговорност, Горан Трајковски-Штраус ја прифати кандидатурата за градоначалник на Општина Кисела Вода на претстојните локални избори, од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
„Кога во нешто веруваш, го живееш и го сакаш, вреди да се бориш за истото. И тогаш кога е најтешко!“, порача Трајковски во својата прва објава по официјалното прифаќање на кандидатурата.
Тој ја истакна својата искреност и посветеност во оваа изборна битка, нагласувајќи дека ја води желбата и визијата за поубава, безбедна, средена и модерна Општина Кисела Вода – заедничка цел што, според него, ја делат голем број од жителите на општината.
„Сум уверен дека нашата заедничка борба ќе донесе победа која ќе биде пресвртница кон модернизирање и подобрување на нашата Општина и секојдневието на нашите сограѓани“, порача кандидатот на СДСМ.
Трајковски додаде дека сега е време за обединување и за масовна теренска работа која ќе ја прошири и доближи визијата на сите жители во Кисела Вода.
„Драги мои, борбата за Кисела Вода започнува!“, заврши во својата порака градоначалничкиот кандидат.
Оваа кандидатура претставува нова надеж за жителите на Кисела Вода, кои очекуваат конкретни решенија и развој на општината во наредниот период.