Лефков: СДСМ свесно учествува во деструктивни операции водени од бугарски служби

Станува збор за координирана и насочена кампања против Република Македонија, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и лично против премиерот Христијан Мицкоски, предупреди денеска пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

На прес-конференција, Лефков изјави дека операцијата се води со класични хибридни методи: ширење лажни информации, фабрикувани афери, монтирани документи, лични и семејни дискредитации, како и злоупотреба на човечки трагедии и економски инсинуации.

„Сите овие активности, кои се интензивираат по секој дипломатски неуспех на Бугарија во европските институции, се водат од медиумски портали блиски до бугарските служби и националистички кругови“, изјави Лефков, наведувајќи примери како Tribune.bg, Lupa.bg, Epicenter.bg, Pogled.info, и десетици анонимни веб-страници кои сериски продуцираат дезинформации.

Според него, мрежата на дезинформации е веќе идентификувана и од меѓународни организации, меѓу кои и Digital Forensic Research Lab (DFRLab), која открила координирани онлајн активности насочени против демократијата, стабилноста и евроатлантските процеси.

„Загрижувачки е тоа што дел од овие содржини ги преземаат и портали блиски до СДСМ во Македонија, а некои завршуваат и во традиционалните медиуми“, додаде Лефков.

Тој истакна дека зад целата кампања стои јасна политичка агенда мотивирана од реваншизам и фрустрација поради загубеното влијание на Бугарија врз македонската политика.

„Денес, кога Македонија има стабилна влада и јасен став, станува јасно дека веќе нема тајни договори, трговија со пасоши и историски откажувања. По неуспехот на Бугарија во Европскиот парламент, повторно е активирана мрежата на дискредитација“, рече Лефков.

Во тој контекст, тој ја обвини СДСМ дека, наместо да се дистанцира од овие активности, активно учествува со цел да наштети на ВМРО-ДПМНЕ и повторно да се врати на власт.

„Ова не е напад само врз една партија, туку директен удар врз македонскиот идентитет, суверенитет и надворешната политика на државата“, заврши Лефков, повикувајќи ги јавноста, медиумите и институциите да ја сфатат сериозноста на состојбата.