Хрватскиот ветеринарски институт потврди случај на антракс во општината Врлика, откако повеќе од 50 крави угинале во последните дваесетина дена. Примероците земени од угинатите животни ги потврдија сомнежите дека причината не е труење, како што првично се мислеше, туку заразна болест.
Министерот за земјоделство, шумарство и рибарство Давид Влајчиќ на вонредна прес-конференција истакна дека ситуацијата е критична. Тој потенцираше дека оваа епидемија се појавува во време кога Хрватска истовремено се бори и со африканската чума кај свињите на истокот од земјата.
Антракс, предизвикан од бактеријата Bacillus anthracis, е сериозна и ретка заразна болест која главно го погодува тревопасните животни како говедата, козите, овците и коњите. Болеста често предизвикува ненадејна смрт кај заразените животни, без видливи знаци, а по нивната смрт, трупот брзо отекува и од телесните шуплини може да истече темен крвав исцедок.
Кај луѓето, инфекцијата се јавува преку контакт со заразени животни или нивни производи, вдишување на спори или консумирање контаминирана храна. Најчеста форма е кожниот антракс, кој се манифестира со појава на темни, безболни рани на кожата. Ако не се лекува навреме, болеста може да се прошири во крвотокот и да доведе до сериозни компликации.
Пулмоналната форма, иако поретка, е најопасна и се манифестира со симптоми слични на грип, но брзо напредува до респираторна слабост и шок. Цревната форма, предизвикана од внес на заразено месо, доведува до висока температура, повраќање, силна болка во стомакот и крвава дијареја.
Дијагнозата се потврдува со лабораториски анализи, а третманот е ефективен доколку започне навреме, со антибиотици како пеницилин, ципрофлоксацин или доксициклин.
Хрватските власти апелираат за претпазливост и брза реакција, со цел да се спречи понатамошно ширење на болеста и да се заштитат и животните и луѓето.