Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, директно потврди дека вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, се вмешал во внатрешните политички процеси на Северна Македонија, предлагајќи кандидат за функцијата претседател.
Во гостување за косовската телевизија Tevë1, Села откри дека на приватна средба со Курти, одржана на 4 јануари 2024 година, косовскиот премиер предложил Арбен Таравари да биде кандидат на претседателските избори.
„На последната средба што ја имав со господинот Курти на 4 јануари, ми беше директно кажано: ‘Лудо е да не го направиме Таравари претседателски кандидат’. Немам ништо против, но тогаш се поставува суштинското прашање – дали воопшто треба да имаме Албанец кандидат за претседател на државата?“ – изјави Села.
Тој посочи дека, иако лично нема проблем со идејата да се кандидира, на таа средба објаснил зошто смета дека Албанците не треба да имаат свој кандидат за претседател. Според него, политичката стратегија на Албанците мора да биде прагматична, а не симболична.
„Ова го кажувам со почит, но и со иронија, бидејќи доаѓа од политичар кој пред пет години гласно повикуваше гласот на Албанците да оди кај Албанците – но под поинакви околности“, додаде Села, алудирајќи на поранешни изјави на Курти.
Откритието на Села повторно ја отвора темата за влијанието на соседни држави врз внатрешната политика на Македонија и ги поставува прашањата за политичката автономија и легитимноста на одлуките кои се носат под странски предлози.