Воената закана од Русија и Кина станува сè поактуелна, а врвните команданти на НАТО предупредуваат на можноста за координиран напад уште во 2027 година. Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, генерал Алексис Гринкевич, изјави дека САД и Европската унија имаат само година и пол да се подготват за потенцијален глобален вооружен судир.
Според изјавата на Гринкевич за време на конференцијата за одбрана во Висбаден, Германија, каде што е сместена Командата за безбедносна помош и обука на НАТО за Украина, кинескиот претседател Си Џинпинг најверојатно би се координирал со рускиот лидер Владимир Путин во случај на воена акција против Тајван.
„Постои реална можност Кина и Русија да нападнат истовремено. Тоа би можело да се случи уште во 2027 година, која ја сметам за потенцијално кризна година“, изјави Гринкевич. Тој додаде дека ќе биде потребно „секое оружје, секоја опрема и секоја муниција“ за да се одговори на евентуалната закана.
Германскиот весник Билд пренесува дека стравот од руски напад врз некоја од помалите земји-членки на НАТО е сè поголем, особено со оглед дека одбранбените капацитети на Алијансата нема да бидат целосно развиени до 2029 година. Во владините кругови во Берлин, некои министри веќе предвидуваат можно воено провоцирање од страна на Русија токму во 2027 година.
Ситуацијата во светот станува сè понапната, а повиците за мобилизација и зајакнување на одбранбените стратегии добиваат сè поголема тежина.