Пожарот што попладнево ја зафати територијата на општина Желино, брзо проширувајќи се поради силниот ветер и сувата вегетација, е ставен под контрола – информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Благодарение на брзиот и координиран ангажман на сите екипи и ресурси на терен, пожарот е ставен под контрола, но состојбата и понатаму се следи внимателно. Екипите остануваат на терен сè додека не се елиминира целосно ризикот од повторно активирање,“ изјави директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу, во изјава за медиумите изрази сомнеж дека пожарот можеби бил подметнат. Според неговите зборови, пожарникарите на терен пронашле запалени автомобилски гуми, што укажува на можна човечка интервенција.
Пламените јазици опфатија десетици хектари нискостеблеста шума и сува вегетација, а гаснењето било отежнато поради временските услови.
Во земјава во моментов сè уште се активни уште шест пожари, што дополнително ги мобилизира капацитетите на надлежните служби.