Денови на македонска култура во Будимпешта 2025: Љубов кон традицијата, дијалог преку уметност

Со концерт на маестро Мишел Трајковски и Баки Хилми, засилен од специјалната гостинка Вероника Варга – унгарската дива на балканската музика – свечено беа отворени „Деновите на македонска култура во Будимпешта 2025“, во културниот центар Balkan Heritage.

Организаторот Златко Панзов нагласи дека годинава манифестацијата е во знакот на меѓукултурниот дијалог и заедничкото творештво меѓу македонски и унгарски уметници. Македонскиот мелос, споен со автентичниот израз на Варга, ја воодушеви унгарската публика и отвори нов простор за културна размена.

Настанот започна со изложбата на уметницата Богларка Фодор, која преку својот објектив го претстави „пулсот на македонското секојдневие“, гледано низ очите на вљубен и објективен набљудувач. Изложбата веќе беше презентирана во Скопје и Белград.

За целосно доживување на македонската традиција, винаријата „Ерос“ ги понуди своите автохтони вина – Станушина, Жилавка и други препознатливи вкусови од македонското поднебје.

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2025“ продолжуваат и наесен со нови уметнички програми и настани.
Проектот е инициран од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Здружението на Унгарците од Македонија – Теледом и Balkan Heritage, со поддршка од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.

Македонија во срцето на Европа – преку култура, музика и вино.