Министерката за образование Весна Јаневска е директно одговорна за незапаметен хаос во образованието, понижување на наставниците и штета врз учениците, обвини денеска на прес-конференција Јованче Манасков од СДСМ.
– Во само една година, Јаневска успеа целосно да го урне достоинството на просветните работници, да го партизира образовниот систем и да удри директно врз учениците, рече Манасков.
Според него, образованието станало лабораторија за политички експерименти на ВМРО-ДПМНЕ. Последниот потег што ја разгневи јавноста, вели тој, е најавата за затворање на околу 100 училишта со идеја тие да се пренаменат во старски домови.
– Ова е крајниот доказ дека ниту Јаневска, ниту ВМРО-ДПМНЕ имаат визија за образованието. Наместо да инвестираат во учениците, тие сакаат да затвораат училишта, додаде Манасков.
Тој посочи и на сериозни проблеми во инклузивното образование, каде што, како што рече, биле избркани искусни образовни асистенти и заменети со партиски кадри без искуство.
– Наместо децата да го добијат лицето кое го познаваат и му веруваат, добија непознати луѓе со членска книшка од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е директен удар врз најранливите ученици – оцени Манасков.
Дополнително, според СДСМ, и Државниот просветен инспекторат бил целосно ставен под политичка контрола. Манасков ја обвини министерката дека преку инспекторатот врши притисоци врз директори и наставници, најавувајќи разрешувања и блокирање патни трошоци за инспектори.
– Донела правилник со ретроактивно дејство, со кој им се заканува на инспекторите. Образованието не е приватна фирма, туку систем кој мора да функционира според закон – рече Манасков.
СДСМ ја повикува министерката Јаневска веднаш да ги повлече сите, како што велат, незаконски решенија, да прекине со партизацијата и итно да започне јавна, транспарентна дебата за иднината на образованието.