Поради екстремно високите температури кои ја зафатија Македонија, Министерството за здравство издаде итни препораки за заштита на здравјето на населението, повикувајќи на претпазливост и следење на мерките предложени од УХМР.
Од Министерството предупредуваат дека најризичниот период во текот на денот е од 11 до 17 часот, кога граѓаните треба да избегнуваат престој на отворено. Особено се советува престој во разладени простории, редовен внес на течности, избегнување алкохол и засладени пијалаци, носење светла и лесна облека, како и користење заштита за глава и очи.
Дополнително, се препорачува целосно избегнување на физичка активност во најтоплите часови, со посебно внимание кон децата, старите лица, бремените жени и оние со хронични заболувања. На работните места и во домовите треба да се обезбедат услови со температура до 25°C, а при појава на симптоми како главоболка, вртоглавица, гадење или забрзан пулс – неопходно е веднаш да се побара лекарска помош.
Министерството за здравство информира дека ситуацијата се следи континуирано и апелира сите граѓани строго да ги почитуваат препораките со цел да се заштитат себеси и своите најблиски.