На 27 јуни 2025 година поднесовме претставка до Министерството за енергетика, со која беше алармирано за потребата мерките за заштита на ранливите потрошувачи да се активираат пред почетокот на грејната сезона 2025/2026. Во претставката истакнавме повеќе аспекти од новиот Закон за енергетика, со посебен акцент на потребата од систем за идентификација и регистрирање на ранливите потрошувачи, механизми за нивна автоматска заштита од исклучување, универзален пристап до снабдување со електрична енергија и директна финансиска поддршка. Особено посочивме дека потребата за заштита на ранливите категории постои многу порано – пред почетокот на грејната сезона и да не се чека рокот за носење на подзаконските акти кој истекува во февруари 2026 година,
Забележливо е дека Министерството реагираше навремено и веќе презеде конкретни чекори. Така тие во својот официјален одговор наведоа дека Методологијата за мерење на енергетската сиромаштија е во финална фаза и ќе биде донесена пред законскиот рок. Дека се работи на воспоставување на функционален регистар за ранливи потрошувачи кој ќе биде достапен за ЕВН, за центрите за социјална работа и за локалните самоуправи. Дека исплатата на субвенции за домаќинства со деца со попреченост и згрижувачки семејства е веќе започната преку систем на директна претплата во фактурите и дека во подготовка е нов јавен повик, со проширување на опфатот на поддршката и комуникациска кампања за информирање на граѓаните. Исто така, се работи и на воспоставување механизми за автоматска забрана за исклучување од мрежата во зимски услови.
На 21 јули Министерството објави и јавна информација за оперативната процедура со ЕВН Хоме, преку која секој месец ќе се доставуваат електронски листи на корисници со износи на предвидената поддршка, што ќе се евидентираат како “износ во претплата” на фактурите. Таа претплата ќе се користи за автоматско намалување на наредните сметки, сè до нејзино целосно искористување. Ова е практичен чекор во примената на законската заштита токму во моментот кога е најпотребно.
ИНРМ ја поздравува брзата реакција на Министерството и ја цени отвореноста за соработка. Очигледно е дека конструктивниот граѓански притисок дава резултати. Во таа насока, дополнително ги охрабруваме надлежните институции да го финализираат регистарот и методологијата до крајот на август, да ја објават новата Програма и јавен повик најдоцна до септември и да обезбедат полна функционалност на системот пред 1 ноември 2025 година. Само така граѓаните што живеат во сиромаштија, социјални или здравствени тешкотии ќе добијат навремена и ефективна заштита кога им е најпотребна.