Спречен уште еден обид за подметнување шумски пожар на Осоговијата

Во навремена и успешно реализирана акција, шумочуварите од подружницата „Осогово“ при „Национални шуми“ – Крива Паланка, во соработка со Министерството за внатрешни работи, вчера попладне спречија сериозен обид за подметнување шумски пожар на Осоговските Планини.

На височина од 2.000 метри, под врвот Царев Врв, во речиси недостапниот предел Алтн Врв – каде речиси и да нема човечко присуство – биле пронајдени повеќе од триесет автомобилски гуми фрлени во купови, внатрешни гуми, картонски материјал за потпалување, како и суви борови стебла и гранки. Сето тоа било систематски поставено, очигледно со намера да се потпали и да се предизвика пожар на отворен простор.

„Доколку овој обид не беше навреме спречен, пожарот многу брзо ќе се проширеше и ќе го зафатеше блискиот шумски појас,“ предупреди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Тој упати апел до граѓаните да бидат внимателни и веднаш да пријавуваат секое сомнително однесување што може да укажува на подготвување подметнување пожар – како што се присуство на гуми, палети, дрвени даски, пластични шишиња или туби со потенцијално запаливи течности. „Доколку забележите нешто слично, веднаш јавете се на бројот за итни случаи 112, во најблиската полициска станица или пријавете кај било кој припадник на полицијата или друга безбедносна служба“, изјави Ангелов.

Институциите остануваат на терен и продолжуваат со засилен надзор со цел навремено спречување на вакви еколошки и безбедносни закани.