Мурињо со критика за модерниот фудбал: Денес секој може да биде тренер во Англија

Легендарниот португалски тренер Жозе Мурињо, по повеќе од две децении на врвот на светскиот фудбал, и понатаму не ја губи страста и мотивацијата за нови победи. Во интервју за португалскиот весник А Бола, Мурињо зборуваше отворено за својата кариера, но и за промените што ги забележал во фудбалскиот свет, особено во Премиер лигата.

„Сè уште сум гладен за фудбал. Секој натпревар го доживувам како нова шанса за победа. Не гледам разлика меѓу Жозе Мурињо од 2004 и денешниот – страста е иста, мотивацијата е иста“, вели Мурињо.

Сепак, тој забележува дека фудбалот се променил – особено начинот на кој се избираат тренерите.

„Во 2004 година, кога дојдов во Премиер лигата како освојувач на Лигата на шампионите со Порто, имаше само двајца странски тренери – Рафа Бенитез и јас. Денес, тренери доаѓаат во Англија, а јас дури не им ги знам имињата. Не сакам никого да навредам, но тоа е реалноста. Многумина добиваат работа врз основа на бројки и податоци, не на резултати. Изгледа дека идеите се поважни од победите“, критикува Португалецот.

Мурињо ова лето седна на клупата на турскиот Фенербахче, а претходно има водено некои од најголемите клубови во Европа – Челзи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Рома. Во својата кариера има освоено речиси 30 титули како прв тренер, како и десетина трофеи како асистент на Боби Робсон.

И покрај критиките кон модерниот фудбал, Мурињо не покажува знаци на забавување. Напротив – гладува за уште победи.