Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од Токио упати сериозно предупредување за длабоките и неповратни промени во светскиот поредок, предизвикани од геополитички кризи како војната во Украина и глобалните трговски судири. Таа го одржа својот говор на Универзитетот Кејо, каде што ѝ беше доделена почесна докторска титула.
„Не можеме едноставно да дозволиме да нѐ вознемируваат сеизмичките промени со кои се соочуваме, ниту пак да живееме во илузија дека сè ќе се врати во нормала ако заврши една војна, се постигне некаков трговски договор или ако следните избори завршат поинаку“, рече Фон дер Лајен во своето излагање.
Таа нагласи дека геополитичките текови денес се премногу силни, а основите врз кои почиваат европската безбедност и просперитет се сериозно разнишани.
„Почетната точка мора да биде соочување со реалноста – со светот каков што навистина е, а не каков што го паметиме од минатото“, додаде претседателката на Европската комисија.
Според неа, начинот на кој Европа ќе реагира во овој пресуден историски момент ќе го обликува остатокот од 21 век. Таа истакна дека Европската унија веќе ги интензивира напорите за сопствена одбранбена автономија.
„Во последните недели и месеци изнесовме амбициозни предлози за инвестиции во одбраната на нивоа што до неодамна беа незамисливи. Разработивме план со реални вложувања за да ги ставиме индустријата, иновациите, технологијата и науката во срцето на европската економија“, потенцираше Фон дер Лајен.
Таа во Токио се приклучи на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, на Самитот ЕУ–Јапонија, каде што се разговараше за заедничките безбедносни и економски предизвици.