Седлоски пред мечот со Лозана: Вардар да покаже карактер и борбеност!

Фудбалерите на Вардар утре од 20:30 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе го пречекаат швајцарскиот прволигаш Лозана во рамки на второто квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА. Мечот ќе биде вистински предизвик за најтрофејниот македонски клуб, кој пред домашната публика ќе се обиде да изгради поволен резултат пред реваншот во Швајцарија.

Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски, на официјалната прес-конференција вечерва изрази почит кон противникот, но и јасно стави до знаење дека очекува неговите избраници да се прикажат во најдобро светло.

„Играме против силен и организиран противник. Свесни сме дека не очекува исклучително тежок натпревар, бидејќи швајцарската лига е квалитетна, со постојан напредок. Но, и покрај целиот респект, мора да излеземе со карактер и цврстина. Сѐ зависи од тоа колку ќе ни дозволат да играме, но верувам во моите фудбалери и се надевам дека ќе дадат максимум. Утрешниот натпревар е само првите 90 минути – сè ќе се одлучува во реваншот“, изјави Седлоски.

Шефот на стручниот штаб потврди и одредени кадровски проблеми во пресрет на мечот. Сигурно надвор од комбинација се Талески и Сековски, а неизвесен е и настапот на капитенот Закариќ, за кого ќе се одлучува по последниот тренинг.

Првото судиско свирче на дуелот Вардар – Лозана ќе биде утре во 20:30 часот. Вардар ќе бара поддршка од своите навивачи во мисијата за изненадување против фаворитот од Швајцарија.