Швајцарскиот прволигаш Лозана, кој го чека својот деби-настап во Конференциската лига оваа сезона, утре во Скопје ќе ги одмери силите со Вардар во рамки на второто квалификациско коло. За разлика од нашиот најтрофеен клуб кој веќе ја започна европската авантура со победа во првото коло, Лозана токму против Вардар го отвора својот настап.
Тренерот на швајцарскиот тим, Петер Цајдлер, на прес-конференцијата во Скопје изрази почит кон македонскиот првак и најави неизвесен дуел.
„Се надевам дека утре ќе имаме добар меч. Последниве две недели го анализиравме Вардар – знаеме дека имаме силен противник. Во Швајцарија има многу Македонци, па и тоа некако не поврзува. Сè е одлично организирано овде, навистина импресивно. Црвено-жолтите детали насекаде – тоа е силен знак на идентитет. Теренот е перфектно подготвен“, изјави Цајдлер.
Иако доаѓаат од посилна лига и се финансиски помоќни, Лозана не се гледа како апсолутен фаворит.
„Температурите се високи, но условите се добри. Ние не се чувствуваме како фаворити. Ова е европски натпревар и сè е можно – шансите се 50 наспроти 50“, заврши стратегот на Лозана.
Првиот натпревар се игра утревечер на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, а реваншот е следната недела во Швајцарија.