Приведени двајца членови на „Кавачкиот клан“ во Грција: Се соочуваат со екстрадиција во Црна Гора

Двајца високорангирани членови на озлогласениот „Кавачки клан“ од Црна Гора, С.К. (35) и Ѓ.Ѓ. (26), се уапсени во Република Грција врз основа на меѓународни потерници издадени од Интерпол Подгорица. Приведувањето е резултат на координирана и долгорочна потрага од страна на Националното централно биро (НЦБ) на Интерпол Подгорица, во соработка со грчката полиција и меѓународни партнери, јави весникот Вијести, повикувајќи се на официјално полициско соопштение.

Според информациите, осомничените се криеле под лажни идентитети и користеле фалсификувани документи издадени од земји од регионот. По прецизно добиени податоци и интензивна размена на информации со грчките власти, тие биле лоцирани и лишени од слобода на територијата на Грција.

С.К., односно Стефан Краљевиќ, се бара со црвена потерница на Интерпол поради сомнение за тешки кривични дела – создавање криминална организација и тешко убиство. Против Ѓ.Ѓ., Ѓорѓије Ѓукиќ, Основниот суд во Подгорица води постапка за злосторничко здружување, тешка кражба и прикривање.

Црногорската полиција нагласува дека апсењето е резултат на тесна оперативна соработка со меѓународните безбедносни служби, вклучувајќи ги и специјализираните тимови на FAST. Следен чекор во постапката е правна комуникација меѓу судските органи на Црна Гора и Грција за спроведување на екстрадиција на осомничените.

Апсењето на Краљевиќ и Ѓукиќ претставува нов удар против структурите на организираниот криминал на Балканот, а властите најавуваат продолжување на интензивните акции за лоцирање и изведување пред лицето на правдата на сите бегалци вклучени во тешки кривични дела.