Уште една потврда за квалитетната работа на фудбалската школа „Гроздановски“ доаѓа од Белград, каде што двајца нејзини членови – Кристијан Мојсовски (генерација 2013) и Владимир Младеновски (генерација 2014) – престојуваат на покана на фудбалскиот гигант ФК Црвена Ѕвезда.
Двајцата млади фудбалери ќе тренираат со соодветните генерации на белградскиот клуб, откако беа забележани од скаутите на „црвено-белите“ за време на турнирите „Драган Манце Куп“ и „Илинден Куп“, каде што оставија одличен впечаток. По подолг период на следење, Црвена Ѕвезда реши официјално да ги повика на проба.
Од фудбалската школа „Гроздановски“ велат дека чувствуваат голема гордост што нивната работа се препознава надвор од земјава, и уште поголема радост што реномирани клубови покажуваат интерес за нивните играчи.
„Нашата мисија отсекогаш била да создадеме фудбалери,“ порачуваат од школата.