Бирмингем Сити, амбициозниот клуб од англискиот Чемпионшип, ја засили својата стратегија за враќање во Премиер лигата и веќе ги започна преговорите за засилувања во нападот. Според британските медиуми, меѓу имињата кои се разгледуваат како потенцијални трансфери се наоѓа и македонскиот репрезентативец Бојан Миовски.
Покрај Миовски, на списокот на Бирмингем се споменуваат и српскиот напаѓач Александар Митровиќ, кој настапува за Ал-Хилал, како и искусниот Џејми Варди. Раководството на клубот сака да создаде силна офанзивна линија што ќе може да обезбеди враќање во елитата.
Миовски моментално е под договор со шпанската Џирона, каде на 17 натпревари постигна два гола и запиша две асистенции. Иако статистиката не е впечатлива, треба да се има предвид дека адаптацијата од шкотската Премиершип во шпанската Ла Лига бара време и трпение, особено поради разликите во квалитет и тактичка дисциплина.
Претходно, Миовски се наметна со одлични партии во редовите на Абердин, каде во една сезона реализираше 14 погодоци и две асистенции на 33 натпревари. Тоа му донесе интерес од повеќе клубови во Шкотска и Германија уште на почетокот од летниот преоден рок.
Бирмингем будно ја следи неговата ситуација и, според извори блиски до клубот, не е исклучено наскоро да испрати официјална понуда.