Исчезна руски патнички авион со 49 лица, меѓу нив и пет деца

Руската контрола на воздушниот сообраќај изгубила контакт со патнички авион „Ан-24“ на компанијата „Ангара“, во кој се наоѓале 49 лица – 43 патници, меѓу кои и пет деца, и шест членови на екипажот, пренесе агенцијата Ројтерс повикувајќи се на руски извори.

Несреќата се случила при лет кон градот Тинда, во регионот Амур на крајниот исток на Русија, близу границата со Кина. Според информациите од рускиот портал SHOT, авионот исчезнал само неколку километри пред предвиденото слетување.

Гувернерот на регионот, Василиј Орлов, потврди дека се мобилизирани сите расположиви сили и ресурси за потрага по авионот. „Според првичните информации, во леталото се наоѓале и пет деца. Потрагата е во тек“, напиша Орлов на Телеграм.

Руските власти засега не даваат дополнителни детали за евентуални причини за исчезнувањето на авионот.