Партијата Вреди остро ја критикува улогата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во неговата функција како претседавач со ОБСЕ, нарекувајќи го „инструмент на Белград“ во однос на Косово. Главниот фокус на критиките е т.н. „план од 9 точки“ за деескалација на тензиите на северот на Косово, кој според „Вреди“, оди во корист на режимот на Александар Вучиќ.
„Наместо да го брани суверенитетот на Косово, Османи предлага модели што отвараат простор за паралелни структури и директно го нарушуваат уставниот поредок“, наведуваат од партијата.
Партијата ги истакнува следниве, според нив, најспорни точки од ангажманот на Османи:
- Повикување на оставки на легитимно избрани градоначалници, што се оценува како „казна за демократски избори кои не и одговараат на Србија“;
- Барање Косово да ги повлече безбедносните сили од сопствена територија, додека од Србија се барало само „симболично намалување на борбената готовност“;
- Наметнување на ОБСЕ како посредник во изборни процеси, иако Косово, како суверена држава, има свои институции и изборни механизми.
„Станува збор за стратегија за репакување на старите српски барања – создавање асоцијација на српски општини, која реално би водела кон „Република Српска“ во Косово“, предупредуваат од Вреди.
Дополнително, партијата го обвинува Османи за „отворена пристрасност“ и „работење против интересите на Албанците“, не само во Косово, туку и во Северна Македонија. Бараат итно преиспитување на неговата улога во ОБСЕ.
„Жално е што човек од Скопје работеше против интересите на Косово. Косово не смее да биде монета за поткусурување на ничија кариера“, стои во реакцијата на Вреди.
Со оваа изјава, партијата отвара нов фронт на критика во однос на надворешнополитичкиот ангажман на Бујар Османи и улогата на Македонија во регионалните прашања.