СДСМ: Ристовски да си поднесе оставка

На денешната прес-конференција, Панче Милевски – Панта, од Комисијата за спорт на СДСМ, остро ја нападна Владата и Министерот за спорт, Борко Ристовски, за како што рече, „најголемиот резил во македонската спортска историја“. Повод се бројните пропусти и инциденти поврзани со организацијата на Младинската олимпијада, која наместо гордост, донесе меѓународен срам за Македонија.

„Македонија е понижена, посрамотена и претставена како земја од 19-тиот век пред целиот свет“, истакна Милевски. Според него, наместо ветената најдобра младинска олимпијада, земјата добила катастрофа со потенцијално трајни последици по младите спортисти.

Најтежок е инцидентот во Куманово, каде двајца исландски атлетичари беа прегазени поради необезбедена траса. „Власта, наместо одговорност, ги обвини самите спортисти“, рече Милевски.

Дополнително, десетици атлетичари завршија со труење од храна, колапсираа поради топлотен удар, а условите за сместување биле понижувачки – студентски домови без клима, без соодветни тоалети и тушеви. Дел од натпреварувачите биле принудени да спијат во ист кревет со тренерите.

„Во светот важи, важно е да се учествува. Кај нас – важно е да се преживее на Олимпијада“, коментираше Милевски, повикувајќи го министерот Ристовски на итна, неотповиклива оставка.

Од СДСМ предупредуваат дека лошата организација може да има долгорочни последици по репутацијата на државата и иднината на младите спортисти, додавајќи дека Владата не само што не обезбедила услови за спорт, туку и целосно ја упропастила шансата Македонија да се претстави достоинствено пред светот.