ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ кандидира силеџии, Митовски е осуден за напад врз полицаец

На денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, упати жестоки обвинувања на сметка на актуелниот градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски, нарекувајќи го „градоначалник тепач“ и обвинувајќи го за сериозни прекршувања на законот.

„СДСМ кандидира силеџии и деликвенти за градоначалници, а класичен пример за тоа е Сашко Митовски. Има кривични пријави за злоупотреба на службената положба, невршење на должен надзор и бесправно поставување урбана опрема на угостителски објект сопственост на неговиот брат“, изјави Манасиевски.

Портпаролот истакна и дека Митовски бил осуден за физички напад врз полициски службеник под дејство на алкохол. Според ВМРО-ДПМНЕ, токму ваквиот профил на лица е недозволив за вршење на јавна функција.

„Го повикуваме Јавното обвинителство да постапи. Доста беше време на градоначалници кои ги напаѓаат сограѓаните и се однесуваат како ништо да не се случило. Законот мора да важи еднакво за сите“, нагласи Манасиевски.

Според него, власта на СДСМ создава чувство на недопирливост и неказнивост кај своите функционери, кои потоа „глумат жртви“ кога ќе се соочат со одговорност.

Од СДСМ засега нема официјална реакција на ваквите обвинувања.