Арсовска: Скопје не е организатор на Европската младинска олимпијада, прашајте го МОК колку пари се потрошени

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку својата официјална објава реагираше на обвинувањата поврзани со Европската младинска олимпијада 2025 и ја повика јавноста да ги праша вистинските организатори – Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Борко Ристовски – колку средства се потрошиле и на кои фирми биле доделени.

„Јас ја донесов Европската младинска олимпијада 2025 во Скопје, но не сум дел од нејзината организација. Кога требаше да започне подготовката, Град Скопје беше исклучен од процесот, а МОК и Ристовски ја преземаа реализацијата“, пишува Арсовска.

Таа додава дека слична судбина ја има и проектот „Европска престолнина на културата 2028“, за кој исто така Градот не добил организациска улога, и предупредува дека нејзиното име повторно ќе се спомнува во негативен контекст, без основа.

Арсовска истакна дека Град Скопје досега нема добиено ниту еден денар ниту потрошено средства за Олимпијадата, бидејќи не е официјален организатор.

„Ако бевме организатори, веројатно сами ќе се поканевме на церемонијата на отворање“, напиша иронично таа, упатувајќи прашање до МОК и Ристовски: „Колку пари потрошија и на кои фирми ги поделија?“

Објавата доаѓа во време на засилени политички напади и реакции околу трошењето јавни пари, особено во проекти кои добиваат европско и меѓународно внимание. Арсовска повикува граѓаните да останат критички настроени и да ја бараат вистината надвор од, како што вели, „бот-сендвич реториката“.