Промоција на книгата „Од дијалог до политика“, нов патоказ за градови што слушаат и одговараат

Во пријатна атмосфера во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, се одржа промоцијата на книгата „Од дијалог до политика: дизајн на градови што слушаат и одговараат“ од авторката Климентина Ѓорѓиоска. Делото нуди свежи и конкретни препораки за подобро локално владеење, засновани на квалитативно истражување со јавниот сектор на градот Њу Орлеанс.

Книгата е замислена како практичен водич за локалните власти, со цел да се унапреди дијалогот со заедницата, транспарентноста, отчетноста и граѓанското ангажирање. Моделите што ги презентира Ѓорѓиоска се адаптибилни на секоја општина во Македонија, а фокусот на локално ниво се должи на потенцијалот за доследна и непосредна граѓанска вклученост.

Централни поенти од книгата:

„Сѐ почнува со дијалог.“

„Да се биде отворен за ограничувањата и ресурсите.“

„Соработката започнува со заедничка цел.“

„Обврзете се на отчетност – внатрешно и надворешно.“

Настанот го модерираше м-р Моника Талеска, со музички настап на Андријана Чело и Борис Пулич Миленкоски, додека проф. д-р Ана Блажева се јави како промотор на изданието. За визуелниот идентитет се погрижи Александра Николоска.

Авторката упати благодарност до градоначалникот Борче Јовчески, издавачот Друштво за наука и уметност – Прилеп, канцеларијата на советничката Лесли Харис од Њу Орлеанс, како и на програмата Community Solutions, која ѝ овозможи учество во оваа важна меѓународна иницијатива.

Оваа книга не само што претставува иновативен научен труд, туку е и апел за суштинска локална трансформација – за градови што знаат да слушаат, да разбираат и да одговорат.

 

Фото: Игор Гркоски