Пари Сен Жермен, актуелниот шампион на Франција и Европа, тргна во реализација на првата голема трансфер-операција летово – ангажман на младиот голман на Лил, Лукас Шевалие.
Според реномираниот „Лекип“, ПСЖ веќе испратил официјална понуда за 22-годишниот чувар на мрежата, кој неодамна беше прогласен за најдобар голман во Лига 1 за сезоната 2024/25. Шевалие, кој се етаблираше како еден од најперспективните европски голмани, веќе наводно постигнал личен договор со „Светците“ за петгодишна соработка.
Пречка за финализација на трансферот засега е договорот со Лил, кој бара обештетување од најмалку 40 милиони евра. Иако првичната понуда на ПСЖ е нешто пониска, клубот од Париз е подготвен да ја исполни сумата со бонуси.
Овој потег на ПСЖ доаѓа во момент кога иднината на Џанлуиџи Донарума е сè понеизвесна. Италијанскиот голман има договор до јуни 2026 година, но клубот сака да избегне сценарио како со Килијан Мбапе и евентуално заминување без надомест. Преговорите за нов договор не се мрднати од мртва точка, а за Донарума интерес покажале Манчестер јунајтед, Челзи и Галатасарај.
Лил веќе почнал потрага по нов прв голман, подготвувајќи се за евентуалната замена на Шевалие.
ПСЖ планира и дополнителни засилувања, медиумите шпекулираат дека Родриго од Реал Мадрид е на радарот како потенцијален нов крилен напаѓач.
Се чини дека летниот преоден рок во Париз ќе биде исклучително динамичен.