Топло е… Да ја пцуеш и климата!

А бе луѓе, ова не е лето, ова е природна селекција на клима уреди! Кој преживеал без инвертер, нека се јави, да му оддадеме почит. Температурите се качија толку високо што ни термометарот не верува сам на себе. Се гледа во стаклото и шепоти: „Абе, ова е грешка сигурно…“

Во Скопје, асфалтот врие. Легално може да пржиш јајце пред „Рекорд“. Во Гевгелија, ако некој те праша „шо правиш“, одговараш: „Се растопувам, пријателе, се растопувам.“

Комарците почнаа да протестираат, не можат да ти цицаат крв на 42 степени, се лизгаат по потот! А и мачките? Се фрлиле по сенки како дипломати по ладна вода. Една ја затекнав како си прави ветилатор со лисја. Вика: „Ако човекот не помогне, ќе си се снајдам сама!“

Климата, таа модерна божица, владее со нас. Сакаш ладно? Епа плати струја како да си греел сауна во Алпите цела зима. Секоја сметка ми стигнува со нотификации: „Подгответе ги бубрезите. Или картичката.“

А луѓето на работа? Се глумат дека работат, ама реално – само отвараат фрижидер за инспирација. Во маркетите, најголем престој е пред замрзнатите пици. Луѓе стојат со количка и се прават дека бираат, а всушност само се ладат.

И најлошо од сè? Оние што велат: „Јас сакам лето, јас не можам без сонце!“ – Абе душо, ако толку сакаш сонце, оди живеј во рерна! Земи еден плех, легни, стави малку масло и стани печена тиквица.

Се мислам да одам на планина, ама бензинот сега искача како да леташ до Марс. А ни таму не е поладно, горе се стопила таблата со „Добредојдовте на 1200 м.н.в“.

Но, не губиме надеж! Ќе дојде есен. Ќе се врати душата во тело. Ќе се покриеме со ќебе, ќе пуштиме филм и ќе се жалиме… дека ни е ладно.

До тогаш, живеј како коцка мраз во сок. Полека, со стил, додека не се стопиш.

 

Пишува: Загорка