Бајру: „Црн ден за ЕУ“ – жестоки реакции по договорот со Трамп за царините

Францускиот премиер Франсоа Бајру остро реагираше на трговскиот договор што Европската Унија го постигна со САД во Шкотска, оценувајќи го како „црн ден“ за Европа и капитулација пред заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува The Guardian.

„Тажен ден е кога сојуз на слободни нации… се согласува да се покори“, напиша Бајру на мрежата X.

Според договорот, ЕУ ќе воведе царини од 15% за речиси целиот извоз во САД, вклучувајќи го и автомобилскиот сектор, трипати повеќе од досегашните 4.8%. Со тоа се избегнаа најавените казнени царини од 30%, што Трамп се закануваше дека ќе ги воведе од 1 август.

И додека дел од европските лидери го поздравија договорот, како германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, Франција отворено изрази незадоволство.

Министерот за европски прашања, Бенџамин Хадад, повика ЕУ да го активира „инструментот против принуда“ за воведување на нетарифни контрамерки. А министерот за трговија Лоран Сен-Мартен остро го осуди пристапот на ЕУ, велејќи:

„Трамп разбира само сила. Доколку покажевме одлучност порано, договорот ќе изгледаше поинаку.“

И покрај критиките, европските берзи реагираа позитивно, достигнувајќи четиримесечен максимум во понеделникот, благодарение на олеснувањето од избегната трговска војна.

Сепак, поделбите околу договорот открија длабоки несогласувања во рамки на ЕУ околу стратегијата за справување со сè поагресивниот пристап на САД под водство на Доналд Трамп.