Искусниот Калц нов тренер на Шкендија Арачиново

Љупчо Марковски – Калц, едно од најпознатите имиња во македонскиот фудбал, и официјално е новиот предводник на Шкендија Арачиново. Клубот, кој неодамна обезбеди повраток во Втората македонска фудбалска лига, реши да му довери довербата на некогашниот капитен на Вардар и поранешен репрезентативец на Македонија, по разделбата со досегашниот тренер Шабан Сулејман.

Калц зад себе има богато фудбалско и тренерско искуство. Во неговото портфолио се вбројуваат тренерски ангажмани во клубовите Скопје, Работнички, Тетекс, како и во младинските категории на Вардар. Сега, новата страница во неговата кариера се пишува во Арачиново.

„Среќен сум што станувам дел од сериозен и амбициозен клуб како Шкендија Арачиново. Верувам во капацитетот на тимот и, заедно со директорите и фудбалерите, ќе работиме со максимална посветеност за да го подигнеме нивото на игра и да го поставиме клубот таму каде што заслужува да биде,“ истакна Марковски.

Со неговото доаѓање, во клубот владее оптимизам дека следната сезона ќе донесе стабилност и резултати, со јасна цел, Шкендија Арачиново да стане сериозен конкурент во ВМФЛ и да го продолжи својот раст како организиран и амбициозен фудбалски колектив.