ССНМ со јавен апел: Македонија да не молчи за страдањата во Газа и убиствата на новинари

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска упати јавен апел до институциите на Република Северна Македонија со повик да заземат јасен став и да придонесат во заштитата на цивилите и новинарите во Појасот Газа. Синдикатот изразува длабока загриженост за состојбата на терен и бара конкретна дипломатска и институционална реакција.

Во целост пренесуваме дел од соопштението:

„ССНМ се солидаризира со цивилите во Газа, како и со своите колеги – новинари и медиумски работници – кои, и покрај животната опасност, неуморно известуваат од епицентарот на хуманитарната катастрофа.

Бараме Владата, Министерството за надворешни работи и Собранието на Република Северна Македонија да ги искористат сите дипломатски средства за да помогнат во запирање на страдањата.

Жалиме што Македонија досега покажа воздржаност која не ѝ прилега на земја што се стреми кон демократски вредности и заштита на човековите права.

Според официјални податоци, досега загинале најмалку 187 новинари во Газа. Воените дејствија не само што им го загрозуваат животот, туку ја гушат вистината – медиумите се блокирани, а странски новинари немаат пристап до теренот.

Бараме:

– Поддршка за суспензија на договорот меѓу ЕУ и Израел

– ИТНА евакуација на лица во непосредна животна опасност

– Допуштање на странски новинари во Газа

– Заштита на локалните новинари

– Меѓународна истрага за систематското гладување како воено злосторство

ССНМ се приклучува кон повиците на Меѓународната и Европската федерација на новинари, како и на бројни новинарски синдикати ширум светот кои бараат од ЕУ да го ревидира односот кон израелските власти.“

Синдикатот апелира македонските власти јавно да се приклучат кон светската осуда за, како што го нарекуваат, „едно од најголемите воени злосторства на 21 век“ и да покажат солидарност со новинарите кои секојдневно ги ризикуваат своите животи во потрага по вистината.