Стојаноски: Постои основан сомнеж дека пожарите се подметнати, СДС користи манипулации за политички поени

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во гостување на телевизија зборуваше за актуелната состојба со пожарите ширум земјата и изрази сомнеж дека најголемиот дел од нив се подметнати.

„Точно е тоа што го кажува директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, бидејќи тие располагаат со информации од терен. Премногу е случајности за да се каже дека овие пожари се случуваат самостојно. Факт е дека има подметнување на теренот низ цела Република Македонија“, изјави Стојаноски.

Тој нагласи дека веќе имало лица фатени на самото место на подметнување:

„Имаше неколку лица кои беа уапсени. Се обиделе со различни материјали да предизвикаат пожар, но не успеале, и тие материјали биле пронајдени на терен.“

Според него, опозициската партија СДС се обидува да го искористи проблемот со пожарите за политички поени, дури и со дезинформации.

„На Фејсбук страната на СДС може да се види дека користат фотографии од пожари во Шпанија, обидувајќи се да прикажат дека тоа се случува и кај нас. Тоа е обид да се создаде немир и хистерија кај граѓаните и политички да се профитира“, рече Стојаноски.

Тој оцени дека целта на СДС е двојна, да релативизираат својата неспособност додека биле на власт, и да прикажат дека државата сега е нефункционална.

„Нивната девиза секогаш била, колку полошо за државата, толку подобро за нив“, додаде пратеникот.

Стојаноски истакна дека надлежните институции се ангажирани и преземаат мерки, но посочи дека е потребна и јавна осуда и правна одговорност за сите што намерно предизвикуваат пожари.