Обвинителката Ленче Ристоска, која беше една од тројцата кандидати на предлог-листата за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, остро реагира на одлуката на Владата за формирање нова комисија која треба да ја продолжи постапката за предлагање судија. Таа упати јавен повик до институциите за транспарентност и отчетност.
– Ги следам случувањата околу одлуката на Владата за формирање на нова комисија која треба да ја продолжи постапката за предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Советот на Европа има пропишано јасни правила за фазите низ кои поминува оваа постапка, така што доколку дојде до нивно нарушување, за тоа официјално ќе го известам Советот на Европа, изјави Ристоска за „Слободен печат“.
Во однос на тврдењата на Владата дека одредени кандидати не ги исполнувале условите, Ристоска апелира за транспарентност:
– Би било корисно Владата да соопшти кои кандидати не ги исполнуваат условите, како и во која постапка тоа било утврдено – потенцира обвинителката.
Со оваа изјава, Ристоска упатува сериозно предупредување дека процесот мора да се спроведува во согласност со европските стандарди и дека секое отстапување ќе биде пријавено до надлежните институции во Советот на Европа.
Таа останува на ставот дека правната процедура и јавниот интерес мора да бидат водечки принципи во изборот на судија кој ќе ја претставува државата во највисокиот суд за човекови права во Европа.