Кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров од редовите на СДСМ, Костадин Ацевски, вечерва се огласи преку видео порака од улицата Шарпланинска каде, како што вели, жителите живеат во мрак, бидејќи улично осветлување – нема.
„Тоа што не ме гледате, не е технички проблем со камерата, туку реалноста на оваа улица – тука владее темнина. И тоа не е само прашање на удобност, туку и на живот. Само во последната година, овде се случиле две сообраќајни несреќи со жртви“, истакна Ацевски.
Тој директно го праша актуелниот градоначалник:
„Дали безбедноста на граѓаните ти е важна? Ако да, зошто тогаш Шарпланинска е без светло?“
Според Ацевски, ова не е изолиран случај, во Ѓорче Петров има и други улици каде што граѓаните се движат во мрак.
„За среќа, твојот мандат завршува. Во рок од една година по моето доаѓање на функција, ќе обезбедиме улично осветлување на секоја улица. Безбедноста на граѓаните е приоритет број еден!“, порача тој.