Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, преку јавна објава остро реагираше на можноста Државната изборна комисија (ДИК) да прифати листи за советници кои содржат помал број кандидати од законски пропишаниот. Тој предупреди дека таквото постапување би претставувало тешко кривично дело, за што треба да се сноси како индивидуална, така и институционална одговорност.
„Доколку ДИК прифати листи кои не се во согласност со член 34 од Законот за локална самоуправа, тогаш не само што постапува спротивно на законот, туку и директно учествува во кршење на правниот поредок“, истакна Лога.
Според него, Одлуката на Владата предводена од коалицијата ВРЕДИ–ВМРО, објавена во „Службен весник на РСМ бр. 199 од 26 септември 2024“, со која се утврдува бројот на советници во општинските совети, е „тенденциозна, апсурдна и во спротивност со позитивното законодавство“, и затоа, како што нагласи, мора итно да биде повлечена.
Лога предупреди дека ваквите постапки сериозно го поткопуваат уставниот поредок и демократското функционирање на државата.
„Нарушувањето на законитоста на изборите е една од најтешките форми на институционално прекршување. Тоа има сериозни последици врз демократијата, правната држава и довербата на граѓаните во изборниот процес“, порача Лога
На крајот, тој апелираше до ДИК итно да ја расчисти дилемата и да постапи во строга согласност со законските норми, обезбедувајќи транспарентност, законитост и интегритет на изборниот процес.