Министерот за дигитална трансформација и секретар за меѓународна соработка во ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, вечерва во гостување на „Вести плус“ на Телевизија Канал 5 информираше дека во изминатиот период биле забранети над 240 веб-страници за онлајн игри на среќа, бидејќи не го почитувале македонскиот правен поредок.
– Над 240 веб-страници, и домашни и странски, беа забранети затоа што никогаш не поднеле барање за добивање лиценца за приредување онлајн игри на среќа во Македонија. Често ме прашуваат зошто се блокираат и некои познати, светски платформи. Одговорот е едноставен, тие не ја почитуваат нашата законска рамка, никогаш не аплицирале за дозвола, ниту пак се информирале за условите за легално работење. Покрај тоа, податоците на граѓаните неретко се злоупотребуваат – се продаваат, а средствата не се безбедни. Затоа продолжуваме со блокирањето на нелегалните онлајн приредувачи, истакна Андоновски.
Тој додаде дека ова е веќе трет бран на забрани, во кој се блокирани уште околу 50 нови веб-страници.
Министерот Андоновски најави и дека Министерството за финансии интензивно работи на нов Закон за игри на среќа, со кој се очекува да се воспостави поцврста и посеопфатна законска рамка за оваа сфера.