Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија не располага со единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и фактурирање, а контролите во здравствените установи не се соодветно воспоставени – ова се дел од клучните наоди од државната ревизија за 2023 година, објавена од Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Нема целосна контрола на здравствените фактури
Ревизорите утврдиле дека контролните активности за проверка на здравствените услуги не се целосно воспоставени, што доведува до ризик од неточности и злоупотреби при потврдување на фактурите. Отсуството на интегриран ИТ систем за упати, лекарски извештаи и пресметки на извршени услуги создава можност за грешки и недоследности.
Иако биле воведени системски контроли за рецепти, ревизорите заклучуваат дека тие не се доволно ефикасни, а системот еРецепт сè уште не е целосно имплементиран.
ИТ систем под удар: Сајбер напад поради слабости
ИТ системот на Фондот се соочува со сериозни проблеми: нема стратегија за развој, недостасуваат кадри, серверите се застарени, а безбедноста е на ниско ниво. Последица на тоа беше сајбер напад во февруари 2023 година, кој го наруши функционирањето на целиот здравствен систем.
По нападот, биле склучени договори за изнајмување приватен облак, како и за подобрување на системската и мрежната инфраструктура, вклучително и мерки за сајбер безбедност.
Недоволна правна заштита при лекување во странство
Во процесот за лекување во странство, ревизорите идентификуваат повеќе слабости – нема доволна правна заштита за пациентите, не постои механизам за следење на успешноста на лекувањето, а за оваа намена биле исплатени околу 5 милиони евра (311 милиони денари).
Дополнително, за аванси дадени за лекување во странство, кои заклучно со 2023 изнесуваат околу 4,8 милиони евра (300 милиони денари), не се воспоставени соодветни контроли за потврда на фактурите и навремено затворање на авансите.
Финансиски извештаи со нереални прикажувања
Во ревизијата се утврдени и проблеми во билансот на состојба. Имотно-правниот статус на дел од објектите и земјиштето не е регулиран, вредноста на недвижностите не е целосно евидентирана, а обврските кон добавувачи не се навремено внесувани, што доведува до нереално прикажување на финансиските извештаи.
Нагласени прашања за неизвесност
Ревизорите наведуваат и повеќе „нагласени прашања за неизвесност“, како:
Непозната наплатливост на побарувањата од неплатени придонеси до 2008 година.
Неизвесност околу судски постапки во кои Фондот е тужен (вредни над 343 милиони денари) или тужител.
Неажурирани референтни цени за здравствени услуги.
Неисплатен придонес од Министерството за здравство за неосигурани граѓани, кој изнесува над 2,1 милијарди денари на крајот на 2024.
Финансиски опстанок наместо здравствени услуги
Во делот на „клучни ревизорски прашања“, се посочува дека Фондот, наместо да ги плаќа реално извршените здравствени услуги, е принуден да го финансира опстанокот на сите јавни здравствени установи. Дури 77 јавни здравствени институции (или две третини од сите) се оценети како неодржливи, со помалку извршени услуги од предвидените.
Листата на лекови неажурирана од 2014
Во делот „останати прашања“, ДЗР укажува дека Листата на лекови на товар на Фондот не е ажурирана според новата методологија од 2014 година, а во 2024 година биле додадени само осум нови лекови.