Душан Тадиќ пред трансфер во Црвена звезда, најплатен фудбалер во историјата на српскиот фудбал

Црвена звезда се подготвува за уште еден спектакуларен трансфер, по ангажманот на Марко Арнаутовиќ, медиумите во Србија јавуваат дека Душан Тадиќ е на чекор до потпис со шампионот од „Маракана“. Според информациите, часови го делат од официјализација на договорот, што би му овозможило на клубот значително засилување пред клучниот двомеч против Лех во квалификациите за Лигата на шампионите.

„Мондо“ објави дека генералниот директор на клубот, Звездан Терзиќ, успеал да ги договори сите детали со Тадиќ, кој во средата вечерта се согласил на понудата и веќе го потпишал договорот со „црвено-белите“. Доколку информацијата се потврди, Тадиќ ќе стане најплатениот фудбалер во историјата на српскиот фудбал, со наводна годишна плата од околу три милиони евра вклучувајќи бонуси.

„Тој е паметен човек, многу размислува за фудбалот и тактиките. Ќе биде одличен тренер еден ден, а ако ја заврши кариерата во Звезда, тоа само ќе му помогне“, изјави Терзиќ неодамна.

Искусниот офанзивец доаѓа како слободен агент по завршувањето на договорот со турскиот Фенербахче, а во кариерата има настапувано за Ајакс, Саутемптон, Твенте, Гронинген и матичната Војводина. Иако се споменуваше интерес и од Атлетико Мадрид, тој се решил за враќање на домашен терен.

Во својата импресивна кариера, Тадиќ има 231 гол и 265 асистенции на 770 одиграни натпревари. За српската репрезентација има рекордни 111 настапи, 23 гола и 40 асистенции – бројки кои зборуваат за квалитетот што ќе го внесе во тимот на Црвена звезда.

Со Тадиќ и Арнаутовиќ, белградскиот гигант целосно ја потврдува амбицијата не само за домашна доминација, туку и за значаен исчекор на европската сцена.