Кривична пријава за гостиварец кој објавувал приватни фотографии и сексистички коментари од лажен профил на Инстаграм

Секторот за компјутерски криминал при МВР по неколкумесечна истрага откри и идентификува лице од Гостивар кое на лажен Инстаграм профил објавувало фотографии од девојки придружени со вулгарни и сексистички коментари.

Станува збор за 27-годишниот К.Н. од Гостивар, кој на 28 февруари 2025 година, без дозвола презел фотографии од приватни профили на шест девојки и ги објавил на лажноотворен профил, придружени со навредливи содржини.

Секторот за компјутерски криминал, по детална анализа и добиени податоци, го лоцирал и повикал осомничениот на службен разговор во Полициската станица Карпош, каде што тој го признал делото.

Против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ согласно член 149 од Кривичниот законик.

Министерството за внатрешни работи потсетува дека злоупотребата на лични податоци и ширењето навредливи содржини преку социјални мрежи претставува сериозно кривично дело кое нема да остане неказнето.