Влаховиќ пред заминување, Јувентус подготвен да го пушти по „прифатлива понуда“

Српскиот напаѓач Душан Влаховиќ доби зелено светло од Јувентус за евентуално заминување од клубот, но само доколку пристигне „прифатлива понуда“. Генералниот директор на италијанскиот гигант, Дамиен Комоли, ја потврди оваа информација, истакнувајќи дека засега таква понуда не е добиена.

„Се договоривме со Душан дека може да замине само ако добиеме понуда што би ја прифатиле“, изјави Комоли.

Влаховиќ веќе извесно време се поврзува со трансфер, особено по неговото одбивање да го продолжи договорот со клубот. Во вториот дел од сезоната, српскиот репрезентативец постепено го изгуби своето место во почетниот состав на Јувентус.

Напаѓачот пристигна во Торино во 2022 година и досега има одиграно 136 натпревари, на кои постигна 55 голови. Летниот преоден рок би можел да биде клучен за неговата иднина, особено ако се појави клуб подготвен да ја исполни бараната цена.