Водата за пиење во Крушево е бактериолошки неисправна, препорака за користење пакувана вода

Центарот за јавно здравје – Прилеп информира дека водата за пиење од градскиот водовод во Крушево е прогласена за бактериолошки неисправна и моментално небезбедна за употреба.

При редовна контрола, извршена од ЈЗУ ЦЈЗ – Прилеп, биле откриени бактерии од цревно потекло, зголемен број колонии на бактерии на 22 и 37 °C, како и целосно отсуство на резидуален хлор – што укажува на потенцијален ризик по здравјето на граѓаните.

Надлежните институции, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Министерството за здравство, РЦУК и ЈКП „Комуна“ – Крушево се веќе известени на 29 јули 2025 година.

Агенцијата за храна и ветеринарство на 30 јули официјално издаде забрана за користење на водата за пиење и хигиенски потреби.

На жителите им се препорачува:

За пиење да користат исклучиво пакувана вода

Водата од водоводот да се користи само по превривање од најмалку 10 минути, за лична хигиена, миење овошје и зеленчук

Забраната останува во сила сѐ до добивање на три последователни исправни примероци. ЦЈЗ – Прилеп најави дека ќе биде во постојана комуникација со институциите и редовно ќе ја информира јавноста за состојбата.