Политички судири за јавна парцела во Тетово, жестока дебата меѓу Ајдари и Меџити

На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, пратеничката Рина Ајдари од Европски фронт директно го прозва првиот вицепремиер Изет Меџити во врска со, како што тврдеше, спорна продажба на јавен простор во Тетово од страна на градоначалникот Биљал Касами – сопартиец на Меџити од коалицијата Вреди.

Според Ајдари, општина Тетово продала парцела од 2.900 квадратни метри во центарот на градот за само 190.000 евра, додека, како што рече, реалната вредност била десет пати поголема.

„Тоа е продадено за приватни интереси, а јавниот интерес е деградиран. Такви зделки ги прават вашите сопартијци, додека вие обвинувате други за корупција,“ изјави Ајдари.

На овие обвинувања, вицепремиерот Меџити возврати со потсетување на случајот со црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака, кој, според него, добил голема парцела во Тетово во време кога Ајдари и нејзината политичка групација биле на власт во локалната самоуправа.

„Вие немате никакво морално право да обвинувајте, кога парцелите им ги дававте на лица како Дака Давидовиќ – кој е на црната листа на САД. Тоа не беше ‘Српски свет’, туку српско и црногорско подземје во срцето на Тетово. Ќе ви одговорам и за случајот со Касами, но прво вие одговорете за Дака, за Соравија и за сите шеми кои ги поддржавте додека бевте на власт“, рече Меџити.

Ајдари не остана должна и реплицираше дека токму Меџити, како тогашен потпретседател на ДУИ, бил „тесно поврзан со структурите кои го направиле тоа“, алудирајќи дека тој бил дел од истата политичка мрежа која го овозможила влезот на Давидовиќ во Тетово.