Во Кисела Вода отворен прв инклузивен сообраќаен полигон и парк

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го отвори првиот инклузивен сообраќаен полигон и нов парк, со што уште еднаш ја потврди заложбата за создавање општина достапна за сите.

На површина од 1.250 м², лоцирана во рамки на Државното училиште „Димитар Влахов“ за деца и младинци со оштетен вид, израсна современо уреден простор, место каде што децата ќе учат, ќе се движат безбедно и ќе се дружат.

„Грижата за лицата со попреченост е еден од врвните приоритети во нашата работа“, порача Ѓорѓиевски. „Овој парк е симбол на нашата визија, од запуштени простори да создадеме функционални зелени катчиња за сите генерации.“

Уште од почетокот на мандатот, Ѓорѓиевски ја поддржуваше оваа установа со донации на книги на Брајова азбука, а сега поддршката прерасна и во урбан развој.

Со ова, Кисела Вода се претвора во пример за инклузивност, хуманост и урбана преродба.