Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска изјави дека до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е доставена обемна документација од 3.200 страници, поврзана со, како што посочи, сериозни нерегуларности при легализација и изградба на објекти во општина Чаир.
На брифинг со новинарите, Арсовска истакна дека станува збор за десетици згради кои сѐ уште се градат без основна градежна документација, без платени комуналии, без одобрен проект и без изготвена статика.
„Ако нема санкционирање, денес имаме 50 згради што се градат. Утре ќе има уште 50. Таму живеат луѓе, не бројки. И тие не заслужуваат да живеат во 12-катници без гаранција за нивната безбедност“, предупреди Арсовска.
Таа потенцираше дека доставените документи содржат докази за фалсификати, меѓу кои и изјави потпишани од лица кои, во моментот на наводната изградба, биле малолетни.
„Ова е очигледна операција на перење пари. Не постои друга општина во Скопје каде е забележан ваков размер на урбан криминал“, додаде таа.
Обвинителството веќе постапува по пријавата. Досега е одземена документација од Општина Чаир и од Министерството за транспорт и врски, а тече проверка и споредба на податоците со други институции.
Во врска со најавата на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека ќе ја тужи, Арсовска изјави:
„Со задоволство ќе се соочам со него – каде било и на која било платформа. Имам докази.“
Арсовска потврди дека нема да се кандидира повторно за градоначалник, но подвлече дека зад себе остава над 900 реализирани проекти, од кои 250 се капитални, „и покрај силните опструкции од Советот на градот“.