Освојувачот на Европскиот куп на ЕХФ, македонскиот ракометен клуб Алкалоид, ја започна втората фаза од подготовките за новата сезона. Салата во Автокоманда е заменета со свежината на Маврово, каде што тимот под водство на Кирил Лазаров работи интензивно на физичката подготвеност.
Подготовките ги води помошникот Петар Баснарков, кој е задоволен од досегашниот напредок:
„Играчите се веќе навикнати на системот. Работиме дури и во off season, па сега сме 70-80% физички подготвени. Тоа ни овозможува да се фокусираме повеќе на тактичките елементи, што е клучно, особено оваа сезона кога натпреварите започнуваат порано.“
Играчите Марко Митев и Никола Костески, кои поради повреди го пропуштија крајот на минатата сезона, засега тренираат индивидуално со физиотерапевт, но од следната недела ќе им се приклучат на тимските тренинзи.
По Маврово, Алкалоид ќе замине во Србија и Хрватска за серија контролни натпревари.
Првиот официјален меч за новата сезона е веќе закажан – на 31 август, Алкалоид го пречекува германски Хановер во квалификациите за Лига Европа.