Американскиот претседател Доналд Трамп рано утрово (по македонско време) објави нов сет на царински стапки, со кои Македонија ќе биде опфатена со тарифа од 15 отсто – значително намалување во однос на претходните 33 отсто најавени во април, пренесе „Блумберг Адриа“.
Новата глобална минимална царинска стапка што ја воведуваат САД изнесува 10 отсто, но за земјите со кои Вашингтон има трговски дефицит, царините ќе се движат од 15 па нагоре.
Македонија, заедно со земјите-членки на ЕУ како Хрватска и Словенија, се најде во групата со тарифа од 15 отсто. Од регионот, Србија ќе биде погодена со стапка од 35 отсто, додека Босна и Херцеговина со 30 отсто. Швајцарија, пак, е со највисока стапка – дури 39 отсто.
За земјите што не се наоѓаат на официјалниот список на Белата куќа, меѓу кои се Црна Гора и Албанија, ќе важи најниска стапка – 10 отсто.
Овој потег на Трамп предизвика бројни реакции на глобалните пазари и најавува нова фаза на заострување во меѓународната трговија.