Европска недела на контрола на брзина – МВР со засилени сообраќајни акции низ Македонија

Министерството за внатрешни работи започнува со засилени контроли на брзината од 4 до 10 август, како дел од европската акција организирана од ROADPOL – мрежата за безбедност на патиштата во Европа.

Во овој период, ќе се вршат мерења на брзината на возилата на територијата на целата држава, со цел да се откријат и санкционираат возачите кои не ги почитуваат ограничувањата.

„Да бидеме одговорни, да ги почитуваме сообраќајните правила, да спасиме животи“, порачуваат од МВР, кои ја продолжуваат борбата за побезбедни патишта во интерес на сите граѓани.

Контролите ќе бидат интензивни, а апелот е јасен: намалете ја брзината – животот нема резерва.