„Зелен хуман град“ станува партија: Волонтери наместо спонзори ја формираат првата зелена партија во Македонија

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ) започнува процес на собирање 1.000 потписи со цел да прерасне во политичка партија, и тоа прва од ваков вид во Македонија. За разлика од типичните политички формации, оваа партија ќе биде основана од луѓе што долги години се активни волонтери, а не од спонзори или бизнис-структури.

„Ја формираме првата партија која ги става во срцето на својата агенда социјалната правда, заштитата на животните и животната средина. Нè мотивира желбата за праведно и функционално општество за сите, и за луѓето и за животните. Иако сме принудени на партиска регистрација заради учество на избори, нашето делување останува исто, хоризонтално, демократски и отворено за секого што ги дели нашите вредности“, соопштија од ЗХГ.

Тие веќе ја отвориле можноста сите граѓани што се идентификуваат со нивната визија и имаат знаење и ентузијазам, да аплицираат за кандидати на листата за Совет на Град Скопје.

Во изминатите четири години, иако во Советот на Град Скопје имаа само двајца советници од вкупно 45, успеале да иницираат и реализираат значајни промени, кои, како што велат, поставиле преседани во локалната политика.

ЗХГ останува активистичка, гласна и доследна структура – но сега и со политички капацитет за поголемо влијание.